Неправдата кон новинарите скапо ги чини сите општества. Деведесет проценти од случаите на убиства на новинари остануваат неказнети, покажуваат информациите за 2017 година, изјави денеска генералниот директор на УНЕСКО во заминување, Ирина Бокова.
Оваа изјава доаѓа во пресрет на Меѓународниот ден за запирање на неказнивоста на злосторствата против новинари – 2 ноември.
Меѓу 2006 и 2016 година, УНЕСКО регистрираше убиство на 930 новинари, од кои 102 се само во 2016 година. Последните податоци на УНЕСКО се од Извештајот 2017/2018 за светските трендови во областа на слободата на изразување и развојот на медиумите, кој претстои да биде објавен.
По повод 2 ноември, УНЕСКО заедно со своите партнери започна глобална кампања во соработка со медиумите од целиот свет, како и кампања на социјалните мрежи #MyFightAgainstImpunity.
Во 2013 година, Генералното собрание на ОН со резолуција го одреди 2 ноември за Меѓународен ден за запирање на неказнивоста на злосторствата против новинари. Резолуцијата ги повикува земји-членки да преземат решителни мерки за борба против неказнивоста на овој вид кривични дела.