На полноќ заврши изборната кампања за вториот круг од локалните избори што ќе се одржи утре и започна изборниот молк.
Во периодот на молкот, медиумите не смеат да емитуваат ниту еден од облиците на изборно медиумско претставување.
– При известувањето во деновите на изборниот молк ќе се смета дека медиумите го прекршиле изборниот молк доколку емитуваат, односно објават какви било информации, фотографии, аудио и аудиовизуелни материјали поврзани со или во кои учествуваат учесници во изборите, какви било облици на медиумско известување кои се отворено или прикриено во функција на нечија изборна кампања и можат да влијаат врз одлуката на избирачите, податоци со кои го откриваат идентитетот на политичките субјекти и/или на поединци вклучени во инциденти или други неправилности на денот на гласањето како и изјави од кандидати во изборниот процес, од учесниците во изборна кампања, од претставници на политички партии и од носители на функции во органите на власта, соопшти Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
АВМУ очекува сите радиодифузери, почнувајќи од ноќеска на полноќ, да ја приспособат својата програма за изборниот молк.
Денеска, ден пред изборите, своето право на глас можат да го остварат лица во казнено-поправните домови и лица кои се во притвор, внатрешно раселени лица, како и немоќните и болни кои го побарале тоа од општинските изборни комисии.
Денеска ќе гласаат 939 лица во 13 казнено-поправни установи, 1435 болни, изнемоштени и лица кои се во куќен притвор, како и осум гласачи кои се водат како внатрешно раселени.
Внатрешно раселените лица гласаат во колективните домови и прифатните центри каде што се сместени, болните и немоќниоте лица во нивните домови, а избирачите кои на денот на гласањето се наоѓаат на издржување мерка куќен притвор гласаат во местото каде ја издржуваат мерката куќен притвор. Гласањето почнува во 7 часот и трае до 19 часот.
Вториот круг од локалните избори ќе се спроведе во 35 општини, на 1.517 избирачки места каде право на глас имаат 833.710 граѓани.
Во скопските општини Бутел, Кисела Вода, Гази Баба, Сарај, Шуто Оризари и Чаир, право на глас имаат 260.194 граѓани, кои ќе гласаат на 387 избирачки места.
Во останатите 29 општини во Македонија во вториот круг можат да гласаат 573.616 граѓани на 1.130 избирачки места.
Во вториот круг учествуваат 70 кандидати за градоначалници.
Првиот круг од изборите се одржа на 15 октомври кога беа избрани градоначалник на Градот Скопје, градоначалници во 45 општини и советите во Градот Скопје и сите општини.
Ова се шести локални избори во Македонија. Првите се одржаа во 1990 година, следните беа во 1996, 2000, 2005, 2009 и 2013 година.