Над триста луѓе во текот на вчерашниот и денешниот ден се јавиле во гостиварската болница да побараат помош. Сите имале стомачни болки и дијареа, но без повраќање. Од досегашните испитувања, констатирано е дека не постои поврзаност со конзумирање храна од еден објект, што значи дека се исклучува труењето со храна како причинител. Сите пријавени во болницата се со лесна клиничка слика и по укажаната помош биле пуштени на домашно лекување.
Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат не даваат конкретни информации за што се работи, односно потенцираат дека во тек се испитувањето на причината.
– Инспекторите на ДСЗИ се на терен и ја следат ситуацијата. Во тек е обработка на податоците по што надлежните ќе излезат со соопштение. Според податоците кои ќе ги добијат од подрачниот Центар за јавно здравје доколку има потреба ДСЗИ ќе издаде решение со конкретни мерки, рече за А1он директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат Ирина Бухова.