Вработените во „Фени индустри” најавуваат за утре протест, доколку до крајот на денешниот ден не добијат какво било известување за моменталниот статус околу продажбата на компанијата и исплатата на септемвриската плата.
Како што стои во известувањето потпишано од претседателот на Синдикалната организација Ѓоре Палитов, Синдикатот денеска одржал итен состанок и донел таква одлука.
– Бидејќи во текот на денешниот ден се одржува состанок помеѓу инвеститорот од Република Бугарија „Енекод” и банките, се чека каков било одговор до крајот на денот. Доколку одговорот е негативен, протестот ќе започне утре од 13:30 часот, стои во известувањето.
Оваа одлука ја потврди и Пеце Ристевски, претседател на Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство.