Пет месеци во Македонија ништо не се случува во делот на проекти. Нема нови инвестиции, нема нови проекти, нема нови спортски сали, нема нови училишта. Новата Влада досега има само завршено некои работи кои веќе биле почнати од ВМРО-ДПМНЕ, или ги стопираат проектите на претходната влада, истакна вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на митингот во Облешево.
Тој порача дека кандидатот на партијата за градоначалник на општината Чешиново-Облешево Горанчо Зашов е човек кој нема да ги изневери жителите.
– Општината Чешиново-Облешево и Горанчо Зашов ќе овозможат граѓаните кои немаат да се стекнат со сопствен дом, да добијат земјиште со симболична цена од едно евро по метар квадратен за градба на куќа и да бидат или ослободени или со значајно намалени комуналии за таа градба. Нудиме концепт во кој нема да има неасфалтирани улици и каде ќе се обидеме да направиме парк во секое маало. Се ветува и доизградба на останатиот дел од водоводната мрежа, најави Груевски.
Со победата на ВМРО-ДПМНЕ, рече, децата од прво до петто одделение во сите општини, вклучувајќи ја и Чешиново-Облешево ќе добијат бесплатен оброк.
Потсети дека кога ВМРО-ДПМНЕ дошла на власт во Чешиново-Облешево, во општината имало вкупно 560 вработени, а кон крајот на 2016. година таа бројка била 1.570. Според него, актуелната власт наместо да работи на остварување на дадените ветувања на граѓаните им „продава ветар и магла“. СДСМ, смета тој, се во можност да ветат се пред избори, но потоа, вели не остваруваат ништо.
Претходната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ рече Груевски, успеала да ги намали даноците и Македонија да има најниски даноци во светот, а актуелната најавува нивно зголемување. За тврдењата на владините претставници дека тоа нема да биде на штета на граѓаните, Груевски оцени дека тоа е потценување на народот.
– Во која било друга држава една Влада да каже дека ќе се зголемат даноци, се тресе земјата. Кога ќе зголемат даноци паѓаат Влади. Овие овде кај нас се фалат дека ќе ги зголемат даноците и викаат „сега излезете гласајте за нас“, вели Груевски.
СДСМ, рече тој, пред изборите ветувала и 500 евра просечна плата во Македонија, но таа сега се намалува, ветувале нови инвестиции, но засега, според него, во Македонија нема влезено ниту една нова странска инвестиција, а сите економски параметри покажуваат оти економијата во Македонија тоне.