Активната мерка за отворање нови работни места во граѓанските организации, како дел од Оперативниот план на активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот ќе биде промовирана денеска во Скопје.
Мерката ќе ја промовираат министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, постојаната претставничка на Програмата за развој на Обединетите нации, Луиза Винтон и директорката на Агенцијата за вработување на Република Македонија, Билјана Јовановска.
Оваа мерка за вклучување на граѓанските организации е дел од оперативниот план за вработување со кој треба да бидат опфатени 41.562 невработени лица до крајот на годинава. За сите мерки од планот се издвоени шеснаесет милиони евра.
Акцент со мерките е ставен на зголемување на вработливоста на младите лица до 29 години, а приоритет ќе биде и еднаквото учество на мажите и жените во нивното искористување. Освен тоа за прв пат се овозможува вклучување на граѓанските организации да користат мерки за вработување.