Новиот градоначалник на Берово Звонко Пекевски, денеска ја презеде функцијата. Првите задолженија за Пекевски се попис, но и мерки за консолидација на буџетот кој е во длабок минус од околу 50 милиони денари.
– Довербата која ја добивме од граѓаните е огромна и таа не обврзува да изградиме одговорна, услужна и општина за сите граѓани, без никакви поделби. Она што мора да се направи на самиот старт од мојата функција, е да се види реалната состојба со општинската каса, за да знаеме како да ги насочиме приоритетите. Дадени се задолженија кои треба да се направат во идниот период. Прво, ќе направиме попис за да видиме во каква состојба е општината, она што можев да го забележам се големите обврски, посебно кон доверители и останати физички лица. Исто така, укажана е неопходноста од изработка на ребаланс на буџетот, за да можеме до 31 декември дел од обврските да ги реализираме и исплатиме, рече Пекевски.
Тој додаде дека Општина Берово должи по разни основи, но и на општинските советници кои не зеле советнички паушали за повеќе од 7 седници.
– Општина Берово должи над 22 милиони денари на разни доверители, над 18 милиони денари на Светска банка и 1,11 милиони денари на советниците. Долгови има уште, но очекувам сето тоа да се детектира со вонредниот попис кој ќе го изработиме, рече Пекевски.
Уверенијата за мандат од четири години денеска од ОИК ги добија и 15-те советници. Овде мнозинството повторно е на СДСМ, односно тие имаат девет, а ВМРО-ДПМНЕ шест мандати.
На локалните избори, Звонко Пекевски доби поддршка од 5.006 гласачи или 2.107 повеќе од неговиот противкандидат Никола Атанасовски, кој доби доверба од 2.899 граѓани.