Политичките партии и на синоќешните митинзи упатија различни пораки до граѓаните. Ветуваа проекти и бараа поддршка за претстојните мандати на градоначалниците и советниците.
– Македонија ќе биде 30-та членка на НАТО и ќе почне преговори со ЕУ, ќе го реши проблемот со името, а граѓаните ќе бидат горди Македонци. Ќе покажеме дека можеме да решаваме проблеми со пријателство и добар дух зашто нашата иднина се ЕУ и НАТО. Доаѓа ново време за нашата земја, Македонија е разбудена, рече лидерот на СДСМ Зоран Заев во Прилеп и изрази убедување дека ќе има огромни разлики на изборите во полза на СДСМ.
Од Крушево и Долнени, пак, порача дека пари во земјава има, само треба да ја водат чесни политичари. Преку чесни политики, нагласи, ќе се враќаат парите на граѓаните. – Тоа е иднината. Најавувам време на исклучителна чесност, кога ќе најдеме пари за се, за се што е важно и приоритет за сите граѓани на територијата на цела Република Македонија, подвлече Заев.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски од Берово најави дека т.н. нова ера ќе донесе отпис на долговите на социјално згарозените семејства и до 75 отсто ослободување од плаќање комуналии за семејствата со пониски приходи.
– Предвидуваме еднократен отпис на достасани долгови за вода и ѓурбрарина заклучно со 30 септември оваа година, 75 отсто ослободување од комуналии, почента цена на земјиштето едно евро за семејства со приход меѓу две и три просечни плати, рече Груевски.
Кандидатот за градоначалник на општина Гостивар од ДУИ Невзат Бејта вети инвестирање во патната инфраструктура и подобрување на условите за живот.
– Прифатени се проектите за асфалтирање на патниот правец од населбата Гарванец до Падалиште и од зградата на училиштето до селските гробишта во селото Трново. Тие ќе бидат финасирани од ИПА фондовите за што се веќе обезбедени 120.000 евра, изјави Бејта, најавувајќи и проекти што ќе ги заживеат, како што рече, Симница, Горна и Долна Ѓоновица, Страјане, Падалиште и Трново.
Не гласајте за оние чиј збор и ветување се лага, беше пораката на лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села од митингот во Дебар.
– Не може да им верувате на лагите на нашите опоненти. Тие гласаа за девијација на текот на Радика, а потоа кажуваа дека го стопирале тоа, манипулираа со монтираните процеси од 2003 и 2012 година, истакна Села.