„Аеродром е општина во која има многу млади луѓе. Секоја година се запишуваат по околу 800 првачиња во основните училишта. Сепак, родителите досега немаа поддршка од општината, а локалната власт недоволно одвојуваше за проекти наменети за нив. Во нашата програма предвидуваме низа мерки и проекти со кои ќе ги намалиме трошоците на родителите и ќе го подобриме квалитетот на животот во општината за нив и нивните деца.
Општината ќе издвојува 3.500 денари за секое прваче, а обезбедувањето во училиштата ќе биде на товар на општината, не на родителите. Од буџетот ќе издвојуваме пари за награди и стипендии за талентираните ученици. Трудот на децата ќе се цени и наша обврска е да ги мотивираме да учат и се развиваат. Ветуваме финансиска поддршка за талентирани спортисти и деца кои се посветени на спортсиот развој. Потоа, наш фокус ќе биде проширување на сите основни училишта според потребите и реновирање на сите тоалети кои се во очајна состојба. Недозволиво е да има три смени во некои училишта заради недостаток на простор.
За родителите со дечиња во предшколска возраст предвидуваме големи инвестиции и подобрување на условите во градинките. Ќе изградиме две нови градинки и ќе ги прошириме постојните онаму каде што треба. И во градинките и во училиштата имаме проблем пред се со капацитетите. Ова ќе биде нашиот фокус, соодветен простор за сите. Планираме изградба на нови современи и еколошки детски игралишта, со модерни реквизити и редовно оддржување на истите.
За крај, заедно со Град Скопје, конечно ќе ја изградиме гимназијата Кузман Јосифовски Питу која со години ја ветуваше ВМРО-ДПМНЕ.
Како професор и човек кој секој ден комуницира со родителите знам колку се важни условите во кои растат и се развиваат децата. Затоа, новата локална власт ќе биде сојузник на родителите и партнер во нивните напори да обезбедат добар и квалитетен живот за своите деца“, изјави Златко Марин, кандидат за градоначалник на Општина Аеродром од СДСМ.