Различни пораки и апели за поддршка до граѓаните за нивните кандидати за градоначалници за претстојните локални избори упатија на вчерашните митинзи лидерите на политичките партии, а СДСМ и коалицијата го одржаа својот централен митинг во Скопје.
Лидерот на СДСМ Зоран Заев вчера од Скопје порача дека во Македонија има промени, кои, како што нагласи, ќе се заокружат со локалните избори.
– Македонија се менува, станува подобра и нема назад, нема да ја изневерам вашата доверба, го имате мојот збор, рече Заев.
Тој од граѓаните побара поддршка за здружена коалиција, која ветува изградба за услужни и развиени општини, во кои луѓето ќе живеат и работат квалитетно еден покрај друг.
Заев додаде дека во изминатите четири месеци, откако почна со работа новата Влада поставени се нови принципи и политики.
Барајќи ја поддршката од граѓаните Заев ја потенцираше соработката на централната со локалната власт и потсети дека изминатите четири месеци е создаден план за економски раст, домашните фирми се во фокусот, а има поддршка и за странските инвеститори.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски пред граѓаните вети бесплатен здрав оброк за ученици од прво до петто одделение во сите општини каде ќе победи градоначалник на оваа партија и каде партијата ќе има мнозинство во советите.
– Со овој проект ќе обезбедиме бесплатен здрав оброк во училиштата. Придобивките се повеќекратни, децата добиваат секојдневно здрава храна, што е важно за нивното здравје и создавање добри навики за користење на производи кои се корисни за нивниот развој, истакна Груевски.
Менито, рече тој, ќе биде подготвено во соработка со нутриционисти и прилагодено на возраста на децата. Ќе се избегнува користење на т..н. брза храна.
Тој додаде дека согласно финансиските можности на општините во текот на четиригодишниот мандат ќе работат на тоа овој проект да се прошири и на повисоките одделенија.
Според лидерот на ДУИ, Али Ахмети Албанците само обединети може активно да бидат дел од инситуциите во земјата.
– Братството создава сила, а само обединети Албанците во населените места каде што се малцинство можат активно да бидат дел од институциите и на тој начин да ги остварат своите права. Затоа Албанците, Турците, Египќаните заеднички треба да настапуваат и на тој начин да бидат дел од локалните институции, порача лидерот на ДУИ Али Ахмети од средбата со граѓаните и симпатизерите на партијата одржана синоќа во Охрид.
Тој во обраќањето пред присутните рече дека ДУИ како коалициски партнер на СДСМ работи чесно, а не по двојни стандарди, оттаму и партиското решение членството и симпатизерите на партијата да ги поддржат кандидатите на СДСМ во општините како Куманово, Скопје, Охрид, Битола, Прилеп…
Лидерот на ДПА, Мендух Тачи синоќа во Гостивар порача дека останатите партии на Албанците и нивните лидери не треба да јуа бараат поддршката, бидејќи како што рече направиле криминали, кои се мерат во милиони.
– Вашата поддршка ни е потребна за да продолжиме со отпорот како нација во оваа држава. Овие избори се многу важни токму заради тоа, бидејќи под ризик се ставени интересите на Албанците, истакна Тачи.
Тој зборуваше и за колицирањето на локално ниво и ги критикуваше политичките конкуренти дека се нарекуваат опозициски, но како што нагласи единствената опозиција на Алабанците е токму ДПА.