Кандидатот за градоначалник на општина Велес од СДСМ и коалиција, Аце Коцевски денеска во изјава за медиумите рече дека поради несоодветната грижа Велес заостанува во областа на културата и уметноста.
– Нашата намера е во наредниот период Велес повторно да го направиме да биде еден од стожерите на македонската култура и уметност. Така како што тоа го правевме во изминатиот период кога на моја иницијатива советот на општината ги донесе одлуките за основање на меѓународниот фолклорен фестивал на интернационалниот фестивал на античка драма, на сликарско-копаничарската колонија. Се ќе направиме во наредниот период Рациновите средби повторно да ги издигнеме да бидат една од најважните културни манифестации во Република Македонија, а не само во Велес, рече Коцевски.
Тој додаде дека планира фестивалот на античка драма Стоби повторно да го врати таму каде што и прилега, во античкиот театар во Стоби, а не да се организира во Велес.
– Исто така планираме бројни зафати со кои ќе ги подобриме состојбите во областа на културата. Една од нашите намери е исто така да го возобновиме паркот на хероите и извадените писти кои сега се фрлени во некој подрум во спомен костурницата да ги вратиме таму каде што беа заедно со бистите од најпознатите револуционери од Велес. Планираме доста да се инвестира во ревитализацијата на културното наследство со цел да создадеме претпоставки во наредниот период да се развива културниот туризам во Велес, затоа што Велес има богато културно наследство, рече Коцевски.