Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска ја прими во посета делeгацијата на Националниот демократски институт од САД, предводена од Претседателот на НДИ, Кен Волак.
Премиерот Заев, во негово име, и во име на Владата на Република Македонија, која на средбата ја претставуваа и Заменичката претседателка на владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, и министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, изрази благодарност за поддршката што НДИ ја остварува веќе низа години, особено во делот на зајакнувањето на капацитетите на работењето на Собранието на Република Македонија и во делот на развојот на граѓанското општество.
Претседателот на НДИ, кој на средбата беше придружуван од регионалниот директор на оваа организација Роберт Бенџамин, и од Крис Хеншоу, директор на НДИ за Македонија, изрази честитки за изборот на новата влада, како и за изборот на Зоран Заев за претседател, и изрази уверување дека соработката меѓу НДИ и нивните партнери во владата, во собранието и во граѓанскиот сектор, ќе продолжи и понатаму.
НДИ е долги години во Република Македонија, но нашиот впечаток е дека сега се чувствува новиот политички кислород во земјата, истакна на средбата Претседателот на НДИ, Кен Волак.
Претседателот на Владата Зоран Заев, рече дека тоа се резултати и на инсистирањето на новата влада на поголема инклузивност во политичките процеси, во кои покрај учеството на граѓанските организации, особено значајно е функционалното работење на Собранието на РМ и на вклучувањето на опозицијата во потрага по одговори на прашањата од интерес за граѓаните на Република Македонија.
Ги повикуваме сите да учествуваат во процесите. Досега имаме и примери за добри искуства, како што беше изборот на замениците министри, како што беше изборот и именувањето на членовите на собраниските комисии, од кои мнозинтвото се по контрола на опозицијата, како што беше заедничката декларација за нашите евроатлантски интеграции, па дури и договорот со Бугарија, за кој имавме разлики, но на крајот се согласивме дека тој е од полза за сите нас, и за иднината на земјата, нагласи премиерот Заев.
Токму затоа, рече на средбата Претседателот на Владата на РМ, добредојдена ни е натамошната поддршка на НДИ за јакнење на капацитетите и улогата на парламентот, како место на кое ќе се дебатираат сите важни и жешки прашања од важност за Република Македонија и за нејзините граѓани, и за кои заеднички ќе се бараат најдобрите решенија.
Претседателот на НДИ, Кен Волак, истакна дека оваа организација е целосно подготвена да учествува и во организирањето и подготовките на посети и средби на премиерот и на другите владини министри со одделни претставници од Конгресот на САД, и со други влијателни луѓе во американската администрација.
Премиерот Заев ја прифати оваа понуда и истакна дека тие средби се особено важни во пресрет на очекуваната разрешница за нашето членство во НАТО и во процесот на решавањето на единствениот спор на тој пат, прашањето на името на нашата држава со Република Грција.