Најмалку четири лица загинаа, а 20 се ранети денеска во самоубиствен бомбашки напад во либискиот град Мисрата.
Локалната полиција соопшти дека еден или двајца напаѓачи, за кои се претпоставува дека се припадници на групата Исламска држава (ИД), се саморазнеле во зградата на Судот во Мисрата.
Набрзо по инцидентот се огласи и ИД преземајќи одговорност за нападот. Во соопштението, што го објави агенцијата на ИД, Амак, се вели дека борци лојални на групата ја нападнале зградата на Судот во Мисрата.
Мисрата, што се наоѓа на околку 200 километри источно од Триполи, е под контрола на вооружена група лојална на Владата на национално единство на Либија, која е поддржана од Обединетите Нации. Градот беше воен центар за напад врз единиците на ИД во соседната област Сирт.