Кандидатот за градоначалник на ВМРО ДПМНЕ за Општина Штип Илчо Захариев на денешната прес-конференција потенцираше дека во изминатите четири години асфалтирани се над 160 улици кои, рече, биле уништени, поради што страдале автомобилите.
– Во наредните четири години максимално ќе се посветиме да ги завршиме оние улици кои не се завршени. Во населбата Баби ќе се заврши централната улица „Крушевска Република“, потоа улицата „Партизанска“, која води до населбата Стар Кароарман, улицата „Сремски фронт“, која води до населбата Дузлак, рече Захариев.
Истакна дека во наредниот период ќе следи и асфалтирање на улиците во Стар Караорман, каде што по 70 години жителите имаат и канализациска мрежа. Најави дека е предвидено и асфалтирање на улиците во населбите Сењак и Автокоманда.
– Во населбата 8 Ноември ќе направиме една добра конекција меѓу улицата „Партизанска“ и булеварот ЈНА, улица која минува покрај основното училиште „Тошо Арсов“, а со асфалтирањето на таа улица ќе им олесниме и на родителите и учениците, рече Захариев.
Во неговата изборна програма предвидено е и асфалтирање на улицата „Љубен Иванов“, која води во штипската Клиничка болница, а исто така и на неколку помали улици во централниот дел на градот.