Изградба на три градини во Муртино, Куклиш и Просениково во 2018 година и нова централна градинка во Струмица во 2019 година најави по денешната посета во Струмица, Мила Царовска, претседател на Комисијата за труд и социјална политика на СДСМ.
Поддржувајќи ги кандидатите за СДСМ за претстојните локални избори, Царовска рече дека за годинава издвоиле пари за 13 градинки.
– Како Влада со ребалансот на Буџетот издвоивме средства за 13 градинки на ниво на Македонија со зголемување на опфатот на деца на 682. Дополнително, ги враќаме парите кај граѓаните. Имавме две исплати на социјална помош во септември, зашто во 2011 година се случила кражба на една исплата на социјална помош, парична помош и туѓа нега. Затоа да не се чудат граѓаните што овој месец добија двапати исплата, зашто ние сметаме дека треба да ги обештетиме од претходната власт, рече Царовска, посочувајќи и на зголемувањето на минималната плата на 12 илјади денари и Законот за стечајци.
На новинарско прашање за воведување двосменско работење во градинките во Струмица, Царовска одговори дека сега системски ги решаваат проблемите во деот на детската заштита.
– Детската заштита е системски рушена во овие 11 години. Недостасуваат 2.600 вработувања. Додека во администрацијата бројот на вработени се зголемувал, детската заштита е запоставена. Но, со СОНК и директорите на градинки кои беа на состанок во Скопје, договоривме обештетување на градинките и дека заолжително со едно пензионирање има едно вработување. Десетте проценти од овие што фалат ќе ги вработиме во 2018 година, значи ќе има 200 вработувања, рече Царовска.
Кандидатот за градоначаник од СДСМ, Коста Јаневски, посочи дека во неговата програма предвидена е изградба на нов објект за дом за стари лица.