Во шеесет и седмата година од животот почина новинарот Ристо Тодороски, поранешен постојан дописник на „Нова Македонија“ од Струга. Роден е во 1950 година во село Вишни, а основно училиште и гимназија завршил во Струга. Дипломирал на катедрата за македонски јазик и јужнословенска книжевност на Филозофскиот факултет во Скопје.
По дипломирањето работел како наставник во основните училишта во струшко, како новинар на Радио Струга и како хонорарен, а од 1978 до 1983 година и како постојан дописник на „Нова Македонија“ од Струга.
Од 1984 година до 1999 година беше директор на Радио Струга, каде што како директор, новинар и уредник го помина најголемиот дел од работниот век. Пред пензионирањето работеше како професор по македонски јазик во училиштата во Струга. Повремено соработувал и со првиот независен дневен весник „Република“, списанието „Долар“, југословенскиот весник „Борба“, како и со новинските агенции Танјуг и МИА.
Има објавено голем број новински репортажи и записи, интервјуа со значајни личности од јавниот живот и културата. Автор е на две книги – „Замолчено време“ (репортерски бележења, 2002 година) и „Смок“ (раскази, 2003 година), како и на радио драми, што се емитувани на Радио Скопје. За својата новинарска работа има добиено поголем број награди и признанија.