Во Подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во Делчево во законскиот предвиден рок поднесени се 1.530 барања за земјоделски субвенции што е за 50 барања повеќе од лани, кога биле поднесени 1.480 барања од земјоделците во Делчево и Македонска Каменица.
Како што истакна Илчо Каранфиловски, раководител на ПЕ на МЗШВ Делчево, најмногу барања за субвенции се поднесени за земјоделски површини засадени со овошни култури, како сливи и вишни.
– Првата фаза од поднесување за барање за земјодлески субвенции заврши, а наскоро ќе почне пријавувањето на барањата за субвенции од продадена количина за готов производ. Односно, од предадени килограми овошје или друг земјоделски производ во откупните центри, како и предадени литри млеко. Јас апелирам до земјоделците навреме да ги подготват потребните документи, фактури, исплатници и слично, за да бидат подготвени, кога ќе биде објавен повикот за аплицирање, кој вообичаено се објавува на почетокот на октомври, истакна Каранфиловски.
Инаку, досега државата исплаќала по два денари за откупен килограм овошје, додека три денари субвенционирала по предаден литар млеко на регистриран откупувач.