Општина Аеродром е меѓу најголемите општини во Македонија. За жал, според статистиката, не може да се пофали со економска развиеност. Затоа, во програмата имаме низа мерки кои ќе го поттикнат економскиот развој. Нашата цел е да овозможиме економски прогрес во општина Аеродром. Ќе поттикнеме дејности кои ќе користат современи технологии и решенија, и ќе ги запазуваат сите стандарди за еколошка грижа, порача денеска на прес-конференција Златко Марин, кандидатот за градоначалник на Аеродром од СДСМ и Коалицијата.
Најви привлекување инвестиции преку развој на јавното-приватно партнерство. Овие инвестиции, рече, ќе значат и отварање нови работни места за невработените жители од општината. Приоритетен проект, според него, ќе биде проширувањето на индустриската зона на потегот Горно Лисиче ‒ Долно Лисиче, а најави и интензивирање на вложувањето во инфраструктурата, како значајна поддршка на локалната економија.
– Инвеститорите ќе ги привлечеме преку низа поволности при купување на земјиште. Ќе ги намалиме таксите при добивање на потребната документација која е во надлежност на општината. За поголемите инвеститори, ќе понудиме плаќање на комуналните такси на рати. Локалните мали и средни бизниси ќе ги поддржиме преку обезбедување на материјална и кадровска помош во првите пет години од работењето. Ќе обезбедиме и промоција на малите и средни претпријатија на веб страницата на општината, истакна Марин.
Најави и финансиска и административна помош за младите до 32 години за отворање сопствени мали бизниси, како и обуки за самовработување.