Здружението на судиите на Република Македонија и Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Скопје денеска во Битола организираат научна и стручна расправа на тема „Судска реформа за подобрување на капацитетите на судството и казнена политика на судовите во Република Македонија“, како активност во рамки на проектот „Зајакнување на улогата и независноста на судиите во РМ“.
Дебатата ќе биде насочена кон две примарни точки од судската реформа кои се издвојуваат според сериозноста и комплексноста. Тоа се реформа за подобрување на капацитетите на правосудството согласно План 3-6-9 на Владата на Република Македонија и влијанието на законот за одредување на видот и одмерување на висината на казните врз казнената политика на судовите во РМ: конкретни предизвици и решенија.
На дебатата ќе учествуваат американски и македонски практичари и експерти, кои имаат за цел да идентификуваат примери на добри практики, како и да ги дискутираат другите судски примери. Финалните препораки од расправата во вид на заклучоци ќе бидат земени предвид за натамошни измени и дополнувања на законските решенија предмет на оваа расправа.