Струмица ќе го добие својот урбан мост кој што ќе овозмозможи ново булеварско решение кое ќе го поврзе градското јадро со просторот во касарната и месноста Софилар и ќе овозможи раст на градот кон блоковите 39, 40 и 41, каде што граѓаните ќе можат да градат објекти за индивидуално домување, најави на денешната прес конференција, кандидатот за градоначалник од СДСМ, Коста Јаневски.
– За таа цел ќе го забрзаме процесот на легализација на бесправно изградените објекти. Жителите конечно ќе ги уживаат бенефитите од урбанизацијата на овој простор со патна, водоводна и канализациона инфраструктура и јавно осветлување. Ќе градиме по план. Ќе ги намалиме разликите меѓу градот и населените места, ќе донесеме урбанистички планови за сите населени места, рече Јаневски.
Јаневски рече дека во програмата ги вклучиле и барањата на бизнис заедницата.
– Градејќи по план, не го забораваме локалниот економски развој кој ја вклучува и бизнис заедницата. Реализирајќи ги деталните урбанистички планови во индустриската зона ЈУГ: блоковите 15, 17, 18, 21 и 23 и следејќи ги новите мерки на Владата на Република Македонија за поддршка на домашните инвеститори, ќе овозможиме повеќе работни места и повеќе пари кај граѓаните, рече Јаневски.