Македонскиот кошаркарски шампион МЗТ Скопје Аеродром е подготвен за стартот на новата сезона во регионалната АБА лига закажан за в петок кога во „СЦ „Јане Сандански“ ќе гостува Партизан.
Амбициите на клубот се двојната круна на домашна сцена како и место меѓу осумте најдобри и учество на идниот Суперкуп од АБА.
– За мене предизвикот ќе биде поголем затоа што нема да ги имаме истите услови во минатото. Но, не секогаш буџетот има пресудно влијание на резултатите. Наша идеја како стручен штаб, со четири странци во ростерот е да направиме резултат во АБА подобар од минатите години. Би сакал да го видиме МЗТ на следниот Суперкуп во Бар, што значи дека целиме на пласман меѓу најдобрите осум. Би сакал да ги видам „Фемили Аеродром“ на трибините, особено задутре против Партизан. Секогаш е многу поубаво да ги слушнеш сопствените фанови како те бодрат отколку во своја сала да слушаш гостински навивачки песни, затоа и јас лично ги повикувам Фемили да дојдат и да ни дадат поддршка, изјави тренерот Александар Тодоров.
Слични се размислувањата на новата аквизиција, Бојан Трајковски, кој исто така верува во освојување на двојната круна со помош на навивачите на трибините.
– Се надевам дека навивачите ќе се вратат и конечно салата „Јане Сандански“ ќе заличи како што треба. Ние ќе даваме максимум, ќе играме со срце и се надевам дека со победи ќе успееме да ја вратиме и публиката на трибините. Потребна ни е поддршка, за да се кренеме на повисоко ниво на сите натпревари кои нѐ очекуваат. Во домашното првенство атакуваме на двојна круна, тоа воопшто не е тајна одека во АБА-лигата сакаме подобар пласман од минатата година. Сите екипи се засилија, имаат добар ростер на играчи и ќе биде навистина тешко. Скратен е буџетот на МЗТ, има многу повеќе домашни играчи и ќе биде тешко, но ќе се бориме, изјави Трајковски.