„Урбанистички хаос, узурпација на зелени површини и обид да се загрози автентичноста на Влае (слично како во Тафталиџе), се дел од поплаките на граѓаните од оваа урбана заедница на средбата со Стефан Богоев, кандидат на СДСМ и коалицијата за градоначалник на Општина Карпош.
Сите ДУП-ови кои се во процедура и не се донесени ќе бидат целосно разгледани и ревидирани, земајќи ги во предвид мислењата на граѓаните истакнати во анкетните листови, потенцираше Богоев.
Започнуваме бескомпромисна борба против урбаната мафија која изминативе години педа по педа го уништуваше зеленилото и придонесе граѓаните да дишат загаден воздух.
Богоев напомена дека во Програмата е предвиден Зелен Урбан Кодекс чија цел е попис на зеленилото и негово планирање, како и стимулација за изградба на зелени површини на поголемите рамни покриви.
Имаме чесен пристап. Нема да ветуваме чуда, но ветуваме работа, редовни средби со граѓаните и здруженијата и градење меѓусебна доверба. Општина Карпош повторно ќе биде сервис на граѓаните, а не на партиските интереси – децидно одговори Богоев на прашање на еден од присутните граѓани околу достапноста и транспарентноста на општината.
На средбите се разговараше и за сообраќајниот хаос кој владее во Влае.
Нашата цел е поставување на еко – паркинзи кои покрај решавање на проблемот со паркирање ќе овозможат и дополнително разеленување на општината“, се вели во соопштението на Стефан Богоев.