Кандидатот за градоначалник на општина Пласница од ДУИ Исмаил Јаховски денеска ги претстави приоритетните проекти од неговата изборна програма за развој на општината.
Предвидена е изградба на улици во селата Пласница, Преглово и Лисичани. – Со донесување на урбанистичко планската документација за овие населени места, за што се чека одобрување од Министерството за транспорт, ќе се реши долгогодишниот проблем со уредувањето на просторот и намалување на дивоградбите, истакнува Јаховски.
Тој најавува и проекти за реконструкција на водоводната мрежа во село Преглово, канализациски систем во Пласница и Лисичани, и изградба на прочистителни станици. При крај, како што рече, е изградбата на здравствена станица во општина Пласница, која ќе го замени постоечкиот објект кој е без основни услови за работа.
Се подготвува и техничка документација за фекална канализација во Лисичани, каде дел од прорамата се и изградба на повеќенаменско игралиште и спортска сала.
– Предвидена е и изградба на брана за вештачка акумулација со која би се зафатиле водите од притоките на Треска кои би се искористиле за наводнување и заштита на земјоделските посеви, вели Јаховски.