Новиот тренер на Работнички, Горан Станковски од денеска и официјално почна со работа, а веќе утре ќе го има и првиот натпревар како предводник на „романтичарите“.
Работнички на арената „Филип Втори“ го пречекува Силекс во меч од осмото коло на Првата македонска фудбалска лига.
– Голема чест е да се биде тренер на Работнички и веднаш сакам да искажам благодарност до раководството за укажаната доверба. Мора да кажам дека не размислував ниту миг, кога ми беше понудено местото шеф на стручниот штаб, тоа е голем предизвик. Се надевам дека со напорна работа и со успешни резултати ќе ја оправдам довербата. Добро ги знам и квалитетите на фудбалерите и сигурен сум дека не го заслужуваат сегашното место на табелата во Првата лига. Првичната цел е да се консолидира екипата по релативно слабиот старт на сезоната и да тргнеме напред со добри игри и позитивни резултати, изјави Станковски за клупскиот сајт.
Работнички досега има само една победа, две нерешени средби и три порази.