По повод манифестацијата „Европски денови на културното наследство 2017“ која годинава се одвиваше под мотото „Водата – дар од природата“, Музејот Теракота од Виница реализираше голем број активности со цел вредноста на археолошките експонати да им ја приближи на посетителите.
Од 17 септември до денеска во Музејот имаше над илјада посетители, од кои најбројни беа учесниците на Меѓунардниот фолклорен фестивал „Истибањско здравоживо“, како и ученици од виничките основни и средни училишта и од неколку дневни центри од Македонија.
– За годинашната манифестација на посетителите им презентиравме повеќе интересни содржини кои се однесуваа на богатството од археолошки предмети и други артефакти откриени на неколку археолошки локалитети во Виница. Посебен интерес кај домашните и странските посетители предизвикаа теракотните икони од Виничкото Кале кои имаат историска, уметничка и археолошка вредност и се веќе познати ширум светот, како и археолошките наоди од локалитетот Коколов Рид, изјави Јулијана Иванова, директорка на Музејот Теракота.
Во рамки на манифестацијата се одржа и предавање „Водата како живот во античкиот период“, а беше посетено и Виничкото Кале. Во соработка со Дневниот центар од Виница беше организирана и посета на Етнокуќа во Кочани со презентација на тема „Водата – извор на животот“, како и посета на водопадите на Мала Река и браната Гратче во Кочани.