Полицијата во Неготино поднесе три кривични пријави против градоначалникот Ванчо Апостолов поради постоење основано сомнвеање дека сторил кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластувања“.
Како што соопшти МВР првата кривична пријава е поднесена затоа што пријавениот – во својство на градоначалник на општина Неготино – на 1 јуни 2014 година склучил договор со веб-портал од Неготино застапуван од П.М., а предмет на договорот било рекламирање во веб-порталот, објавување на огласи и конкурси, објавување на текстови за тековното работење и вршење други услуги од информативен карактер за општина Неготино во времетраење до први септемри 2014 година.
По ова на 30 септември 2014 година бил потпишан нов договор со истите услови со траење до 31 декември 2014 година.
За погоре наведените договори општина Неготино на застапникот на порталот му исплатила 84.000 денари без да спроведе тендерска постапка односно, пријавениот постапил спротивно на Законот за јавни набавки.
Во соопштението се додава дека и во текот на 2015, 2016 и 2017 година А.В. склучил договори со истиот веб портал застапуван од лицето М.М. од Неготино, со идентичен опис на потреби и вршење други услуги од информативен карактер за општина Неготино со што на М.М. вкупно, по основ на спомнатите договори и се исплатени 396.000 денари од средствата на општина Неготино, без да спроведе тендерска постапка, односно спротивно на Законот за јавни набавки со што буџетот на општина Неготино бил оштетен за вкупно 480.000 денари.
Втората кривична пријава е поднесена затоа што пријавениот, по поднесено барање од страна на ДПТУ Рудуна Енергија ДОО од Кавадарци од 14 декември 2015 година, до Советот на Општина Неготино за ослободување од плаќање на надоместокот за уредување на градежно земјиште (комуналии) за изградба на фотонапонска електроцентрала, издејствувал Советот на општината на 15 декември 2015 година да донесе одлука со која се одобрува барањето на правното лице.
Така правното лице во кое што пријавениот бил и во својство на содружник/основач, спротивно на Законот за судир на интереси, со одлука на Советот на општина Неготино е ослободено од плаќање на надоместок за комуналии во висина од 1.765.000 денари, со што за таа сума е оштетен општинскиот буџет.
Во третиот случај пријавениот А.В. на 13 октомври 2015 година донел решение со кое го именувал Љ.Д., вработен како одделенски наставник во ООУ „Страшо Пинџур“ за в.д. директор на ова основно училиште од Неготино.
Пријавениот спротивно на Законот за образование дури на 20 јули годинава носи решение за престанување на вршењето на должност в.д. во посоченото училиште, спротивно на прецизно нормираните рокови за извршување на мандат на „вршител на должност“.