Министерството за финансии реагира на Известувањето на Институтот за сметководители и овластени сметководители на Република Македонија (ИСОС) со кое се утврдува рок до 30.9.2017 година трговците-поединци и трговските друштва да поднесат барање со придружна документација за добивање лиценца за работа и барање за упис во регистрите на Институтот.
Во Законот за вршење сметководствени работи и Статутот на Институтот не е утврден рок, ниту е даден основ за утврдување рок во кој трговците-поединци и трговските друштва треба да ги поднесат барањата до Институтот. Оттука, известуваме дека Институтот има законска обврска во континуитет да прима и да постапува по поднесените барања, се вели во соопштението на министерството за финансии.
Истовремено, Министерството за финансии известува дека ќе предложи измени на Законот за вршење сметководствени работи, со кои ќе се утврди нов рок за поднесување барања за упис во регистрите за сметководители и овластени сметководители, за оние лица кои поради одредени причини го пропуштиле рокот за упис во регистрите.
– Исто така, уште еднаш истакнуваме дека во моментов Министерството за финансии, согласно законските овластувања утврдени во Законот за вршење сметководствени работи, врши надзор над работењето на Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Македонија, соопштуваат од министерството.