Во Прилеп ќе се одржи 4. по ред велосипедски настан „Тура преку Слива“. Организатори се здружението „Велосипед 2015“ во координација со Општина Прилеп. Стартот е од плоштадот „Александрија“, а турата ќе ги опфати селата : Волково, Чумово, Штавица, Бонче, Подмол и Марул.
– Очекуваме гости од повеќе градови од Македонија. Како и во минатите години така и сега имаме мали измени на патеката со цел да ја направиме турата поинтересна. Учесниците ќе имаат можност да посетат и повеќе знаменитости меѓу кои: Макетата на црквата во с. Штавица изградена за потребите на филмот „Пред дождот“ на М. Манчевски, праисториското светилиште „Палатица“, како и видиковецот „Св.Петка“ над с. Штавица, потоа летниковецот „Слива“ и Кралската гробница на археолошкиот локалитет „Старо Бонче“ кај месноста Павла Чука. Попатно, пак, ќе има два освежителни пункта за учесниците, првиот на летниковецот „Слива“, а вториот кај Кралската гробница – вели Душко Димкоски, претседател на здружението „Велосипед 2015“.
Патеката е со должина од 54 км и има искачување од 1.100 м висинска разлика.
Манифестацијата е планирано да заврши со заеднички ручек и мала забава за сите учесници.