Македонската академија на науките и уметностите – МАНУ смета дека пред усвојувањето на Предлог-законот за употреба на јазиците во Собранието на Република Македонија, потребно е да се отвори стручна и научна расправа за одделни прашања што ги регулира ова законско решение со учество на експерти од различен профил – лингвисти (македонисти, албанолози, специјалисти од областа на ареалната лингвистика), правници, социолози и сл.
Стручната и научна дебата, како што се наведува во соопштението од МАНУ, ќе придонесе подобро да се разберат предложените решенија, да се расчистат одделни недоречености што можат да создаваат проблеми при примената на Законот во практиката, да се разјаснат некои различни толкувања што се појавија во досегашаната расправа и сл.
Според МАНУ, за сите отворени прашања и дилеми поврзани со оваа проблематика пратениците во Собранието, респектирајќи ги стручните и научните мислења, треба да иницираат конструктивна дебата, заснована врз принципите на отвореност, толерантност, заемно уважување и избегнување секаков вид ултимативност и исклучивост, сеедно од која страна тие и да доаѓаат.
– Јазичниот плурализам е иманентна карактеристика на мултикултурното општество. Оттука, легитимни се инсистирањата на заедниците за унапредување на нивните јазични права. Македонците треба да го почитуваат тоа и да покажат интерес за јазиците на нивните сограѓани и за унапредување на нивните јазични права, култура и традиции. Но, и обратно – претставниците на другите заедници мора да покажат разбирање, толерантност и респект за македонскиот јазик, како јазик на мнозинскиот народ, и за неговата интегративна, обединувачка функција, стои во соопштението од МАНУ.
Предлог-законот за јазиците, нагласуваат од МАНУ, респектирајќи го принципот на бројната застапеност на заедниците, значајно ја проширува и ја унапредува примената на албанскиот јазик во Република Македонија, со цел да се затвори едно отворено прашање, кое создава меѓуетнички тензии и по промената на Уставот на Република Македонија во 2001 година.
– Македонската академија на науките и уметностите цврсто стои на гледиштето дека Република Македонија треба да ја градиме и да ја развиваме како демократско, економски просперитетно и европски ориентирано мултиетничко и мултикултурно општество, се вели во соопштението од Претседателството на МАНУ по повод Предлог законот за употреба на јазиците.