Во текот на следната година Македонија ќе добие целосно функционален централен електронски регистар на граѓаните, со поддршка на ЕУ, информира денеска министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.
Регистарот, според Манчевски, конечно ќе ги реши проблемите со базите на податоци на граѓаните во разни институции. Повеќе не треба да имаме проблеми во Избирачкиот список, со лични карти, здравствени картички и низа други документи и податоци, нагласи министерот Манчевски.
Како дел од денеска промовираниот проект „Понатамошно зајакнување на организациските и институционалните капацитети за процесот за интеграција во ЕУ GoDigital – Помош за реформа на јавната администрација и зајакнување на капацитетите на МИОА, догодина ќе се воведе и целосно нов портал за е-услуги.
Со него, потенцира Манчевски, значително ќе се зголеми бројот на документи и услуги кои ќе ги добиваат граѓаните по електронски пат. Тоа ќе обезбеди заштеда и на време и на пари. Ќе се обидеме веќе во текот на годината заедно со проектниот тим да забрзаме дел од примената на проектот со буџетски средства, најави Манчевски, укажувајќи дека проектот има клучна улога за модернизација на администрацијата и за нејзино приближување до граѓаните.
Евроамбасадорот Самуел Жбогар информираше дека за проектот се одвоени 1,5 милиони евра. Тој порача дека реформата на јавната администрација е суштински дел од процесот на интеграција во ЕУ и оти јавната администрација е еден од трите основи утврдени во стратегијата за проширување на ЕУ.
– Со тоа треба да се подготви јавниот сектор на земјите кандидати за ефективно и ефикасно спроведување и примена на регулативите на ЕУ и за предизвиците на членството, рече Жбогар.