Време е Советот за безбедност на Обединети нации да воведе најостри можни мерки за Северна Кореја порани нејзината шеста и најголема нуклеарна проба, изјави денеска амбасадорката на САД во Обединети нации, Ники Хејл.
– И покрај нашите напори, нуклеарната програма на Северна Кореја е најнапредна и поопасна од кога било. САД никогаш не сакаат војна. Не сакаме и сега. Но, трпението на нашата земја не е неограничено, истакна Хејли пред Советот за безбедност на ОН.
Таа додаде дека мерките што СБ ги презема од 2006 година кон Северна Кореја не дејствуваат.
Во меѓувреме кинескиот амбасадор во ОН, Лиу Џиеји апелираше до Северна Кореја „да престане да прави погрешни потези“, како и сите страни „сериозно да го разгледаат“ предлогот на Пекинг за стопирање на балистичката и нуклеарната програма на Пјонгјанг, но и прекин на воените вежби меѓу САД и Јужна Кореја.
– Силно апелираме (до Северна Кореја)… да престане да презема акции кои се погрешни, кои ја влошуваат ситуацијата и не се во согласност ниту со интересите на самата земја и навистина да почне да ги решава прашањата преку дијалог. посочи Лиу на седницата на СБ на ОН.
Тој посочи дека Кина нема да дозволи хаос и војна на Корејскиот Полуостров.
Додека рускиот амбасадор во ОН, Василиј Небензја истакна дека кризата на Корејскиот Полуостров не може да се реши со воени решенија.
– Сеопфатно решение за нуклеарното и другите прашања на Корејскиот Полуостров може да се постигне единствено преку политичко дипломатски канал, вклучително и со посредување од генералниот секретар на ОН, истакна Небензја на специјалната седница на СБ на ОН.
Претходно, јапонскиот амбасадор во ОН Коро Бешо најави дека Токио ќе побара од Советот за безбедност да изработи нова резолуција за санкции против Северна Кореја, со цел да биде казнета после шестата нуклеарна проба.
– Немаме веќе време за губење, порача Бешо.
Тој оцени дека е неопходно Северна Кореја да почуствува притисок, во смисла дека доколку официјален Пјонгјанг продолжи со пробите, ќе има последици.
Како одговор на вчерашната севернокорејска проба на надградена хидрогенска бомба, пет пати посилна од онаа која беше фрлена на Нагасаки, Јужна Кореја синоќа лансираше балистичка ракета, изведувајќи вежба во која симулираше напад врз севернокорејска нуклеарна постројка.
Официјален Сеул соопшти дека привремено ќе распореди четири лансери за американскиот противракетен систем ТХААД.