Пилот на белгиското воено воздухопловство го загуби животот откако паднал од хеликоптерот со кој управувал, јавија медиумите во Брисел.
Инцидентот се случил на аер-митинг во близината на градот Лиеж, во источниот дел од Белгија.
Од хеликоптер од типот „Огаста – А 109“ требало да скокнат тројца војници со падобрани. Во моментот додека копилотот им помагал на војниците, забележиле дека пилотското седиште е празно, а дека вратата на хеликоптерот од пилотската страна е отворена.
Копилотот веднаш ја презел командата врз леталото и безбедно го спуштил хеликоптерот на земјата.
Пилотот чиј идентитет не се открива, паднал од височина од неколку стотина метри. Тој и копилотот на себе немале падобрани.
Армијата покрена истрага за инцидентот, во обид да се утврди која е причината за еден ваков необичен случај кога станува збор за армиски сили и организира потрага по телото на паднатиот пилот.
Хеликоптерите „Огаста“ ги користат армиските сили во многу земји, а се користат и за полициски потреби.