Новиот предлог-закон за јазици, кој утре е на прво читање на собраниската комисија за европски прашања со европско знаменце, предвидува во сите органи на државната власт како централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии, правни лица кои вршат јавни овластувања, службен јазик, покрај македонскиот јазик и неговото писмо, да биде и албанскиот јазик, објавува Макфакс.
Станува збор за примена во комуникацијата, употребата и во сите постапки на граѓаните пред сите органи кои што ја сочинуваат државната власт (Собранието, Претседателот и Владата, судството, јавното обвинителство), Уставниот суд, Народниот правобранител, во изборниот процес, образованието, науката, здравството, културата, при примената на полициските овластувања, радиодифузната дејност, нотаријатот, извршувањето, инфраструктурните објекти, матичната евиденција, личните документи, финансиите, економијата, како и во други области.
Стенограмите од седниците на Собранието и Владата, седниците на работните тела, како и другите материјали и документи се предвидува да се издаваат и да се чуваат на македонски јазик и на албански јазик.
Освен на македонски, веб-страниците на институциите треба да бидат и на албански јазик. Називите на институциите како и сите други институции и нивните подрачни единици во единиците на локалната самоуправа во кои најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик и во Скопје, ќе бидат напишани на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на албански јазик. Називите ќе бидат со иста големина и фонт, при што називот на македонски јазик и писмо ќе биде напишан прв.
Книжните и кованите пари, како и поштенските марки ќе содржат симболи што го претставуваат културното наследство на граѓаните што го зборуваат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и на албански јазик. Истото важи и за поштенските марки, уплатниците, фискалните извештаи издадени од институциите, фактурите, бандеролите.
Униформите на полицијата, пожарникарството и здравството во Скопје и во општините каде живеат 20% Албанци, исто така ќе бидат двојазични. Во судските, управните, извршните постапки, постапка за извршување на санкции, предистражни и истражни постапки, кривични и прекршочни постапки, парнични и вонпарнични постапки, како и другите постапки пред судовите, јавните обвинителства како и сите други органи, тела и институции, се применуваат македонскиот јазик и албанскиот јазик. Во постапките пред нотар, нотарските исправи и заверки ќе се издаваат на македонски јазик и на албански јазик.
На граѓаните кои зборуваат јазик различен од македонскиот помалку од 20% од граѓаните на Република Македонија, образецот на личната карта и пасошот се печатат и на јазикот и писмото што го користи граѓанинот.
Име на улица, плоштад, мост и на друг инфраструктурен објект во сите единици на локалната самоуправа каде што најмалку 20% од граѓаните зборуваат јазик различен од македонскиот јазик, како и во Скопје ќе се пишуваaт на македонски и на албански јазик.
Заради остварување на целите на овој закон, се основа „Агенција за примена на јазикот“ надлежна за стандардизирање и воедначена употреба на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните со помошни тела за поддршка на институциите. Освен тоа, се предвидува и формирање Инспекторат за употреба на јазиците во состав на Министерството за правда.
Во предлог-законот предвидена е глоба во износ од 4.000 до 5.000 евра за органите како и сите други институции за непочитување на одредбите од овој закон. Глоба во износ од 30% од одмерената глоба ќе му се изрече на службеното лице и одговорното лице за непочитување на Законот.
Закони што се преземаат од европското законодавство и се во согласност или по барање на Европската Унија, се носат без општа и амандманска расправа во Собранието.