Наспроти сликите на „фрлање лопати“ и „сечење ленти” во училиштата од страна на претходната власт, денеска јавноста се соочи со вистинските слики на руинирани училишта и ученички домови кои сведочат за владеењето на ВМРО – ДПМНЕ, наведува Министерството за образование и наука (МОН).
Потенцира дека првата мерка на новата Влада беше во образованието и оти со тоа покажа дека оваа област е нејзин приоритет.
– Укинувањето на екстерното тестирање е мерка која беше поздравена од сите, освен од врвот на ВМРО-ДПМНЕ. Очигледно за нив е несфатливо една власт сама да се откаже од инструментите за принуда и заплашување. Новата влада го слуша гласот на наставниците, професорите, учениците и реформите ќе ги спроведува во заеднички консултативен процес. Веројатно, и тоа е несфатливо за ВМРО – ДПМНЕ, како што е несфатливо власта да одобри вработувања на наставен кадар во општините кои во моментот се раководени од страна на градоначалниците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, истакнува МОН.
Посочува дека одобрувајќи нов наставен кадар во Аеродром, Карпош и други општини, каде локалната власт е во рацете на опозицијата, новата Влада покажува оти интересот на учениците ѝ е на прво место.
– ВМРО – ДПМНЕ треба да знае дека вработувањата таму ги вршат директорите поставени од нивните градоначалници, и знаејќи ја нивната досегашна пракса, фројдовски зборуваат за партизација при вработувањата. Но, она што е најскандалозно е осудата од страна на ВМРО-ДПМНЕ на ангажирање на персонални асистенти за учениците со посебни потреби. Ова е само уште една потврда за нивната нехуманост и негрижа за лицата со посебни потреби.Учениците, наставниците и родителите се свесни за искрените намери на оваа власт за подобрување на квалитетот во образованието, стои во реакцијата.