Скопскиот клинички центар ќе добие 25 нови табли кои ќе служат како показатели за клиниките со цел граѓаните полесно да се снаоѓаат во кругот на клиничкиот центар, информираше министерот за здравство Арбен Таравари кој нагласи дека показателите ќе бидат на 3 јазици, македонски, албански и англиски.
Поставување на табелите на албански јазик е голем чекор за пациентите односно населението од албанската припадност, а исто така и пациентите кои доаѓаат од Косово и Албанија. 30 отсто од пациентите се Албанци, и на нив ќе им биде полесно да се снаоѓаат во кругот на Клинички центар, велат од министерството за здравство.
Покрај таблите за означување, министерот Таравари заедно со општите служби побарал да се постават нови канти за отпадоци како и осветлување низ целиот клинички центар. Целиот проект ќе чини околу 500 илјади денари.
– Поставени се нови 16 канти, а скоро ќе се постават уште 20. Во втората фаза планирано е да се постават светла низ целиот Клинички центар. Ова е епицентарот на здравството, тука се даваат најголемите здравствени услуги и заслужува да изгледа подобро, вели Таравари.
Министерот за здравство изјави дека ваквите акции за подобрување на Клиничкиот центар ќе продолжат и во наредниот период при што најави и решавање на проблемот со паркинг местата и гужвата од автомобили која се создава секојдневно во Клиничкиот центар.
Виктор Јованов