Малку поинаков начин за подготовка на свинско филе. Крцакаво, полно и сочно.
Потребно е:
(за месо):
1 парче свинско филе
сенф
2-3 чешниња лук
(сос од печурки):
1 голема главица кромид, ситно исечкана
250 гр свежи шампињони, исечкани на листови
1 лажица брашно
сол и бибер
(тесто):
1 парче лиснато тесто, на собна температура
1 жолчка
Подготовка:
– Месото убаво исчистете го од жилите, премачкајте го со сенф во дебел слој и ставете ги лукчињата. Полијте го малку со масло и оставете го да се маринира преку ноќ, но ако нема време оставете го да се маринира неколку часа, најмалку еден час.
– По маринирањето, испржете го месото во тавче за пржење со малку загреано масло. Пржете додека да се испржи убаво и од сите страни.
– Кога ќе фати убава боја, извадете го од тавчето и во истото тавче ставете малку масло, ставете го кромидот да се пржи и додадете ги шампињоните. Пржете додека да испари целата течност.
– Ставете го брашното и мешајте додека да се испржи. На крај, зачинете со сол и бибер, по вкус и оставете да се олади малку сосот.
– Развлечете го лиснатото тесто со сукало и малку брашно за да не се залепи.
– На тестото ставете од ладниот сос од печурки, врз него ставете го парчето месо и затворете го со тестото како пакетче.
– Премачкајте го со жолчка, ставете го во тавче за печење и ставете да се пече во рерна загреана на 200 целзиусови степени, околу 30 минути.
– Кога ќе биде испечено, оставете малку да се олади, па потоа сечете го и сервирајте.