Исламистичката група Боко Харам се повеќе деца, главно девојчиња од североисточна Нигерија, ги користи како „човечки бомби“, денеска во Женева соопшти Детскиот фонд на ОН (УНИЦЕФ), цитиран од француските медиуми.
Според организацијата за заштита на правата на децата, од почетокот на годината бројот на вака искористени деца е зголемен речиси за четири пати во споредба со цела 2016 година.
Од почетокот на 2017 година како самоубијци биле искористени 83 деца: 55 девојчиња (повеќето под 15-годишна возраст), 27 момчиња, па дури и бебе, ставено на грбот на девојче.
Посегнувањата по децата УНИЦЕФ го оценува како ѕверство и подвлекува дека овие деца се жртви, а не извршители на атентати.
Околу 1,7 милион лица од североисточна Нигерија ги напуштиле своите домови заради бунтот на исламистите, во кој од 2009 година се убиени најмалку 20.000 лица.
Заради насилството североисточна Нигерија е под закана од глад, а децата кои страдаат од неисхранетост годинава достигнаа бројка од околу 450.000.