Со нетрпение го очекуваме грчкиот министер за надворешни работи Коѕиас идниот четврток. Овие денови зближено ќе соработуваме во однос на агендата и во однос на мерките за градење заемна доверба, изјави шефот на македонската дипломатија Никола Димитров вчера на прес-конференција во Владата на која одговарајќи на новинарски прашања го коментираше и настанот со генералниот конзул во Торонто Јовица Палешевски кој говорел пред карта на голема Македонија на што реагираше официјална Атина.
Иако настанот, рече Димитров, не е во организација на Генералниот конзулат во Торонто, „сликањето со мапа која навлегува во територијата на Република Грција не е политика на Министерството за надворешни работи на Република Македонија и не е политика на Владата на Република Македонија“.
– Јас како министер за надворешни работи нема да дозволам излети коишто се против Уставот на Република Македонија. Уставот вели дека меѓународните договори што ќе ги склучиме се дел од домашниот правен поредок и тие ќе се почитуваат. Република Македонија има интерес да ја почитува Времената спогодба со Република Грција од 1995 година. Како што нема да дозволам кадровските решенија да ги диктира друга држава, така нема да дозволам и грешките да се пикаат под килим, истакна Димитров.
Додаде дека тоа е исто како што нас би не загрижило и налутило ако друга држава и претставник на друга држава настапи и се слика каде што има иконографија на соседна држава која навлегува во наша територија.
– На случајот уште се работи. Денес го повикуваме генералниот конзул на консултации. Јас ќе формирам комисија која ќе ја утврди одговорноста. Впрочем, и мојот претходник неколку месеци пред политичката промена во Република Македонија имал инструкција со дипломатско-конзуларните претставништва на РМ на оваа линија. Ова нам не ни оди во прилог, ова не е наша политика. Ние сакаме да влеземе во НАТО, тоа значи дека утре Грција треба да ни биде сојузник и ние, Република Македонија, на Грција треба да и бидеме сојузник. Затоа сакам многу јасно да направам линија дека во иднина вакви излети уште поригорозно ќе ги третираме и нема да ги толерираме. Судбината на оваа држава и интересот на нејзините граѓани се преважни за некој да направи ваква грешка, рече министерот за надворешни работи.