Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ денеска одржа прес-конференција на која што кажа дека СДСМ станале синоним за хаос и беззаконие.
– Постапката за разрешување на Јавниот обвинител, Марко Зврлевски која сакаат да ја истуркаат пратениците на СДС и Талат Џафери во Собранието на Република Македонија е целосно незаконска. Само за да се спаси од кривично гонење за делата како „Поткуп“, Зоран Заев е решен по незаконски пат и надвор од сите законски процедури да го менува јавниот обвинител Марко Зврлевски, пред избори. На Заев не му требаат аргументи и не ги ни бара, бидејќи ги нема. На Заев не му треба ни минимум почитување на регулативата и нема намера да почека да завршат изборите, бидејќи му гори под нозе. Ја губи поддршката меѓу народот и очајно му треба некаква помош, рече Данев.
Тој додаде дека Државната комисија за спречување на корупцијата во врска со процедурата за разрешување на Јавниот обвинител излегла со став кој бил јасен и базиран на закон.
– Мислењето на антикорупциска кое вчера го добивме како пратеници но и беше на увид на целата македонска јавност е дека од денот на распишување на избори до денот на завршување на изборите за градоначалник или членови на Совет, односно до конституирање на Советите на Градот Скопје или општините, постои законска пречка да се разрешуваат и да се именуваат лица од и во државни и јавни институции каде надлежност за именување или разрешување има Собранието на Република Македонија, Владата на Република Македонија или други институции кои вршат именување или разрешување. ВМРО-ДПМНЕ е свесно дека мнозинството во Собранието е одлучено да го разреши јавниот обвинител и дека тоа е политичка и партиска одлука на Зоран Заев, рече Данев.
Како што кажа тој, вчера пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата веќе најавиле дека нема да учествуваат во незаконското работење на Собранието на Република Македонија од страна на пратениците од мнозинството предводено од СДСМ и Талат Џафери во носењето на оваа незаконска постапка.
– Одговорноста за носењето на одлука за разрешување на јавниот обвинител Марко Зврлевски и целосното кршење на Изборниот закон е целосно врз пратениците на мнозинството предводено од СДС како и Талат Џафери. Казната за неодговорното и незаконското работење на СДС ќе стигне на 15-ти октомври, заврши Данев.