Во пресрет на 16 години од потпишувањето на Охридскиот Рамковен Договор, корисно е да се направи една кратка рецензија на изминатиов период од гледна точка на турската етничка заедница во Македонија, смета Енес Ибрахим пратеник во македонското Собрание и генерален сектетар на Партијата за движење на Турците – ТХП.
„За жал во изминативе 16 години, Охридскиот рамковен договор не беше во служба на Турците во Македонија. За да се надмине овој проблем сметам дека Охридскиот рамковен договор треба да се спроведе на транспарентен и инклузивен начин. Новата влада е последната надеж за турската заедница и верувам дека со реформаторските потези Турците ќе си го добиваат заслуженото и посакуваното место во општествениот живот.
Досега овој договор служеше како средство за политички пазарења, затоа и не беше продуктивен за сите етнички заедници. Со напуштањето на оваа навика убеден сум дека Охридскиот Рамковен Договор ќе ги обедини сите помалку бројни заедници во Македонија, со што конечно и тие ќе се чувствуваат како рамноправни граѓани на Република Македонија.
Новата влада веќе од старт покажа желба за надминување на дискриминаторскиот однос на претходниот владеачки состав и тоа ми дава надеж дека се движиме кон вистински правец“ вели Енес Ибрахим во неговото соопштение.