Нов активен шумски пожар од денеска има над селото Богојци, општина Струга, додека пожарот во близина на манастирот Трескавец и населените места Мажучиште, Мараморани и Горно Село во прилепско е ставен под контрола, информираше денеска Надица Вчкова од Центарот за управување со кризи.
– Во општина Македонски Брод, во моментот активен е пожарот во атарот на село Грешница додека пожарите кај селата Растеш, Волче, Заград и Брест се ставени под контрола. Во моментов во овој регион ангажирани се екипи на ЈП „Македонски Шуми“ – Македонски Брод. Пожарот кај м.в.Фрлогоец на Бистра Планина е се уште активен. Гори сува трева, смрека и нискостеблести дрва, а интервенираат екипи на ШС „Лопушник“, истакна Вчкова.
Според неа, активни пожари има кај м.в.Јасеновска глава во велешкиот регион кој зафаќа површина на подрачјето и на општина Прилеп каде што гори нискостеблеста шума и сува трева, а интервенира и еден хелихоптер на АРМ. Активен е и пожарот на подрачјето на село Галиште опшина Кавадарци, каде што гори сува треба, смрека и ниска дабова шума и се шири под селото, од правец на м.в.Србиново. Еден крак се движи кон Црна Река, а другиот крак се движи кон селото Гуѓаково. Пожарот кај Мушов Гроб – Мрежичко е ставен под контрола.
Вчкова информираше дека активен пожар има во близина на селото Крушевица кадешто теренот е непристапен, а зафатена е деградирана шума. Во гасење на пожарот ангажирани се лица од ЈП „Црн Бор“ Прилеп и од месно население. Пожарот кај село Никодин сеуште е активен и се наоѓа во уредена шума. Ангажирани се вработени од ЈП МШ „Црн Бор“ Прилеп.
Во тетовскиот регион има активни два пожара, едниот во општина Брвеница на кој интервенираат екипи на Македонски шуми и на ДЗС и во село Балиндол над рудникот, на кој дејствува екипа од ШС Шумско Шар.