Основачот на „Фејсбук“, Марк Цукерберг и неговата сопруга Присила Чен го ангажираа поранешниот советник на Барак Обама, демократот Џоел Бененсон за свој консултант.
Како што објави „Политико“, Бененсон кој беше советник и на изборната кампањата на демократскиот претседатски кандидат Хилари Клинтон минатата година, е агнажиран да спроведе истажувања за потребите на Фондацијата „Чен-Цукерберг“.
Компанијата „Бененсон Стратеџик Груп“ ќе спроведува истражувања за потребите на Фондацијата. чија мисија е „унапредување на човечките потенцијали и промовирање на еднаквоста“.
Цукерберг и Чен претходно соопштија дека 99 отсто од нивното богатство, кое се проценува на околу 45 милијарди долари, ќе го дадат во хуманитарни цели, но доведување на Бененсон, според „Политико“ е уште еден знак дека двојката својата филантропска работа се посилно ја свртува кон политиката.
Двојката во јануари го ангажираше Дејвид Палуф, менаџер на кампањата на Обама во 2008 година, а во Фондацијата е вработена и Ејми Дадли, поранешна советничка на сенаторот Тим Кејн.
Бененсон одби да ги коментира наводите на „Политико“.
Иако, негира дека е заинтересиран за политиката и за некоја јавна функција, Цукерберг често се споменува како можен кандидат за претседател на САД на изборите во 2020 година.