БТА – Софија
Белгија, на 21 јули, го одбележа националниот празник – 186 години од полагањето на заклетва на кралот Леополд Сакс-Кобург – првиот шеф на државата по револуцијата во 1830 година.
Тоа им даде повод на локалните медиуми да откријат пет нешта по кои Белгија не е како останатите. На прво место е одбележано дозволеното разминување меѓу видот на национална тробојка-знаме денес (црно-жолто-црвено) и неговиот опис во уставот (црвено-жолто-црно). Упатените појаснуваат дека сегашниот вид на знаме е опишан во уставните промени кои се донесени подоцна и не се ставени во оригиналот на главниот закон.
Белгија е позната како единствената земја чиј иден премиер отпеал погрешна химна. Во 2007, Ив Лиотерм, кој подоцна ќе стане премиер до крајот на рекордната политичка криза забележана во Гинис од 2010-2011 година, дојде во непријатна ситуација. Во катедралата во Брисел на денот на национален празник еден новинар го натера да ја запее белгиската химна, а Лиотерм ја запеа Марсељезата (химната на Франција).
Освен во Белгија, никаде во светот нема земја со закон за мајонезот. Законот воспоставува стандард според кој сосот треба да содржи 80 проценти масти и 7,5 проценти жолчка. Неодамна производителите побараа промена на законот, затоа што се повеќе луѓе сакале да си купуваат „лесни“ мајонези.
Белгиските војници се единствените на кои им е дозволено да маршираат на британска земја со своето оружје. Таа наредба е останата од британскиот крал Џорџ Пети, заради придонесот на Белгија во Првата светска војна.
Исто така носителите на белгиска возачка дозвола се единствени во светот кои имаат право да управуваат автомобил во Кина без да полагаат дополнителен возачки испит. Правото доаѓа од двостраната спогодба со Пекинг од крајот на минатиот век.