„Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) го осудува вчерашниот случај по информациите дека на струмичката телевизија Канал Вис не и’ било дозволено да ја следи јавната седница на Советот на Општина Ново село од страна на градоначалникот и советник во општината и на упатените навреди и недолични зборови кон екипата на овој медиум.
Советот за етика повикува да се преземат неопходни мерки за расчистување на ваквите настани, особено кога новинарот е спречен да информира за теми од широк јавен интерес, како што било случај на вчерашната седница на која се расправало за одлука за референдум за отворање рудници.
Затвореноста на институциите, организациите или функционерите не може да биде метод со кој ќе се спречува известувањето за теми и прашања од интерес на јавноста.
Од друга страна, безбедноста на новинарите мора да биде ослободена од какви било закани и притисоци, а државата, во согласност со член 10 од Европската конвенција за човекови права, е одговорна за преземање на сите активни мерки со цел да се создаде и одржува поволна клима за слобода на изразување.
Потсетуваме дека ваквата одговорност произлегува и од препораките на Комитетот на министри на Советот на Европа околу заштитата на новинарството и безбедноста на новинарите и другите медиумски актери“, се вели во соопштението на Советот за етика во медиумите на Македонија.