Во Апелацискиот суд денеска беше разгледана жалбата на второобвинетата во предметот „Тендери“, Лидија Лазарова-Цветковска, државна советничка во Министерството за култура и членка на Комисијата за јавни набавки.
Обвинителот Стевчо Донев од Специјалното јавно обвинителство повторно побара притвор за обвинетата. Одбраната, пак, бара да ѝ биде вратен пасошот.
Адвокатот Еленко Миланов пред судиите рече дека нема потреба од изрекување мерка притвор и дека обвинетата соработува со СЈО.
Сашо Дуковски, пак, рече дека не постои опасност од бегство и дека барањето за притвор е хипотетичко. Тој рече дека обвинетата нема имот во странство и дека нема двојно државјанство. Според одбраната, обвинетата веднаш ја депонирала патната исправа, по одлуката на Кривичниот суд.
Обвинетата Лазарова-Цветковска пред судот се бранеше дека не сторила кривично дело.
„Ни во лудило не би ми текнало да бегам“, рече обвинетата со треперлив глас.
Претходно во Апелацискиот суд беше разгледана жалбата на поранешната министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска, која е првообвинета во случајот „Тендери“ за малверзации со тендерот за извршување градежни работи во Музејот на ВМРО, од проектот „Скопје 2014“, со што буџетот, според СЈО, бил оштетен за речиси 54 милиони денари.