Тајното и скапото задолжување што ВМРО-ДПМНЕ им го правеше на граѓаните за луксузирање, лажни проекти и криминално богатење на поединци на сметка на осиромашените граѓани, нанесе огромни штети врз економијата и врз животниот стандард на граѓаните. За разлика од таквиот расипнички однос кон парите на граѓаните, Владата предводена од СДСМ ги рационализира трошоците, ги намалува долговите, а парите ги насочува кон граѓаните, одговори СДСМ на соопштението на ВМРО-ДПМНЕ за задолжувањата на новата Влада.
– За еден месец, Владата успеа да направи ребаланс на Буџетот со што се кратат трошоците за луксуз, реклами и репрезентации, a повеќе пари се насочуваат кон граѓаните, преку зголемување на минималната плата, укинување на радиодифузната такса и силна поддршка на домашните претпријатија, се вели во соопштението од СДСМ.
Во него се додава дека наместо тајни, скапи и непродуктивни задолжувања што ВМРО-ДПМНЕ ги правело преку високи каматни стапки, Владата предводена од СДСМ ја намалува стапката на задолженост и ги враќа долговите што ВМРО-ДПМНЕ им ги оставило на граѓаните.
– За кратко време, се обезбедија двојно пониски камати за државни хартии од вредност, во однос на каматата на старите долгови кои се сервисираат. Сега каматите за државни хартии од вредност се меѓу историски најниските и се движат oд 1,45% до 3,8% во зависност од рочноста, посочуваат од СДСМ.
На ваков начин, според партијата, преку предвидените средства од задолжувањата на домашниот пазар се обезбедува навремена и целосна реализација на Буџетот по најповолни услови.