Регионот на Западен Балкан е целосно насочен кон европската иднина и верува дека ЕУ е решена да ја заокружи приказната со пристапување на земјите од регионот во европското семејството, согласно со динамиката на достигнување на европските стандарди, без оглед на разликите меѓу државите од регионот, беше истакнато на денешниот состанок кој се одржа во Стопанската комора на Црна Гора.
Од Стопанската комора на Македонија соопштија дека на состанокот покрај претседавачот на Европскиот парламент Антонио Тајани и претседателите на Стопанските комори од Западен Балкан свое учество имаа и претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески и претседавачот на Собранието Антони Пешев.
Заедничка била констатацијата дека со самото оддржување на состанокот, инициран од претседавачот на Европскиот парламент Тајани, ја покажува заинтересираноста на највисоките структури на Европската Унија за бизнис заедницата на Балканот. Тајани порачал дека основните елементи кои треба да се унапредат и подобрат се во економските реформи и владеење на правото.
На состанокот во Црна Гора се дискутирало и за неодамна оддржаниот Самит во Трст, на кој со отворањето на Канцеларијата на постојниот Секретаријат на Коморскиот инвестициски форум се заокружи првиот четиригодишен период од Берлинскиот процес.
Своја улога во економскиот развој на регионот на Западен Балкан ќе има и Асоцијацијата на европски комори “Еурочембрс”, која во иднина ќе треба да дава поинтензивна поддршка на Коморите во регионот. Вклучувањето на приватниот сектор и потребата за преземање на иницијативи се клучните принципи согласно кои Еурочембрс во моментов работи, заедно со институциите на ЕУ, во развивање на нови партнерства во насока на давање практични услуги за да им обезбедат на малите, средните и големите претпријатија кои се активни на меѓународните пазари поголема корист од политичките одлуки и мерки.