Триесет и едногодишен жител на гостиварското село Тумчевиште попладнево е повреден од куршум од огнено оружје. Повредениот, по укажаната прва помош во гостиварската болница, е префрлен на скопските клиники.
Според СВР Тетово, Ц.Ѓ. бил пренесен во гостиварската болница со влезна рана на лицето и повредена долна вилица. Неофицијално, куршумот бил испукан на веселба на улицата „Мара Угринова“ во близина на железничката станица.
Екипа на СВР Тетово врши увид на местото на настанот, по што ќе биде појасно во какви околности дошло до ранување и дали на незаконит начин се користело огнено оружје.
Изминатите 24 часа на поширокото полошко подрачје регистрирани се вкупно три ранувања од огнено оружје. Утрово околу полноќ, во Тетово, пред угостителски објект на улицата „Дервиш Цара“, М.А (35) од селото Гајре здобил прострелна рана на левата потколеница. На него било пукано по расправија со гостин во локалот. Синоќа во Клиничкиот центар во Тетово било донесено лице со прострелна рана во рамото од заталкан куршум. Шеесетгодишната П.З. повредата ја здобила додека работела на нива во тетовското село Сараќино.