Вистинска летна мусака, лесна, со доста зеленчук и пилешко бело месо …
Потребно е:
3 помали тиквички
400 гр пилешко бело месо
1 помала главица кромид
1 мал филџан ориз
2 моркови
1 корен од магдонос и листови
1-2 домати
сол, бибер и мелен сув зачин, по вкус
малку масло
малку лебни трошки
100 мл сок од домати
за преливање:
1 јајце
150 мл кисела павлака
Подготовка:
– Месото исечете го на поголеми парчиња и сомелете го во машина за месо или во блендер.
– Излупете ги морковите и коренот од магдонос и сомелете ги во блендер или изрендајте ги. Кромидот ситно исецкајте го.
– Во тава на малку масло пропржете ги кромидот, месото и додадете ги сомелените моркови и магдонос. Зачинете по вкус и додадете малку вода. Поклопете го садот и намалете ја температурата за да се динста на тивко.
– Излупете ги тиквичките, измијте ги и исечете ги на тенки кругови. Посолете ги и оставете ги да стојат во чинија.
– Тавата во која ќе ја печете мусаката малку намастете ја и посипете со лебни трошки, на дното и краевите.
– Во филот од месо пред крај додадете го сокот од домати и измиениот ориз, измешајте и поклопено оставете го неколку минути.
– Тиквичките исцедете ги од течноста која ќе ја пуштат и наредете еден ред во тавата. Одозгора распоредете половина од филот од месо и повторно ставете еден ред тиквички и над нив остатокот од филот од месо. На крај завршете со ред тиквички и над нив кругови домат.
– Полијте со малку вода и ставете ја тавата во загреана рерна да се пече. 10-тина минути пред да биде печена мусаката прелијте ја со изматено јајце со кисела павлака. Печете ја додека да добие убава румена боја.