ЕУ: Македонија во среда ја чека добра вест на Самитот во Трст

Од:

Македонија ја чека добра вест во однос на одобрување проекти на претстојниот Самит на шесте балкански држави со Европската унија во Трст, кој е посветен на Западниот Балкан, во рамки на Берлинскиот процес започнат пред три години на иницијатива на Сојузна Република Германија.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, висок претставник на Унијата кој инсистира на анонимност, денеска потврди дека Брисел ќе одобри голем дел од 100 милиони евра за кои претходната македонска влада аплицираше во рамки на Берлинскиот процес за подобрување на инфраструктурната мрежа во земјата.

– Ќе има добра вест за вашата земја. Секоја година се одобруваат проекти, а логиката за нив се согледува преку созреаноста на проектите, што финансиските институции го бараат. Втор критериум, пак е тој дека треба да се има реформи во земјата, бидејќи не може да се бараат пари од ЕУ ако претходно не се заврши домашната задача. И сите овие инвестиции бараат капацитет и одржливост, па на крајот се определува сумата. Годинава, четири земји аплицираа за проекти кои поминаа и се надевам дека сите ќе добијат нешто, вклучително и Македонија, истакна високиот претставник на ЕУ за МИА.

Исто така, позитивен исчекор се очекува и следниот вторник, на 18-ти јули, кога по една година одложување, ќе се случи Советот за стаблизација и асоцијација на Еворпската унија со Македонија, чие одржување доби „зелено светло“ од страна на сите змеји-членки на Унијата.

– Агендата за Советот е сериозна и има големи очекувања. Колективно, сите ЕУ-земји се согласија да се оди напред со Скопје, а индивидуално ќе видиме како ќе се однесуваат. Скопје денес праќа вистински сигнали до соседите и до регионот и ќе видиме следниот вторник како ќе се одрази сето тоа, додава високиот претставник на официјален Брисел.

Очекувањата од претстојниот Совет за стабилизација и асоцијација на ЕУ со Македонија се дека е можно, откако договорот за стабилизација беше потпишан во 2001 година, а првата фаза стапи во сила во 2004 година, овојпат Грција да ја тргне блокадата и Македонија да влезе во втората фаза на САА, што би значело целосна функционалност на договорот.

Што се однесува, пак, до Самитот на шесте балкански држави што во среда ќе се одржи во Трст, Европската унија ќе ја претставуваат високата претставничка Федерика Могерини, еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан и еврокомесарката за транспорт Виолета Булц, а земјите од Западен Балкан ќе ги претставуваат премиерите и владини делегации, при што македонската се очекува да биде предводена од премиерот Зоран Заев, а во чиј состав се очекува да бидат и министрите Кочо Анѓушев, Бујар Османи, Никола Димитров, Горан Сугарески и Крешник Бектеши.

Како што за МИА денеска истакна високиот претставник на Унијата, од овој Самит се очекува да донесе позитивен притисок за интересот на ЕУ во регионот, но и за интеграцискиот процес на Западниот Балкан во Унијата. Овој Самит во Трст следува по ланскиот во Париз, како и претходно во Виена, а се започна во Берлин и се смета за интересен процес каде што се обединети сите шест балкански држави (Македонија, Албанија, Косово, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина).

– Имаме регионален пристап базиран на инфраструктурна поврзност, која е потребна да се креира економски раст и затоа сакаме економиите на овие држави да се поврзат преку инфраструктурна поврзаност. За таа цел ЕУ има издвоено една милијарда евра, пари кои што се ставено во систем за да и привлечат меѓународни финансиски институции. А, фокусот е на транспортот и енергетиката, а се разбира овие инвестиции се дел од транс-европската мрежа и регионалниот енергетски пазар. Но, инвестициите во секторите ќе имаат ефект ако има реформи во овие држави, вели високиот претставник на ЕУ.

Од Европската унија негираат дека целта е да се создаде силна поврзаност меѓу шесте балкански држави што би можело да значи и создавање на некаква нова Југославија, но потврдуваат дека интересот е пазар од 20 милиони потрошувачи, кој ќе биде поатрактивен не само за жителите на овие држави, туку и за целиот свет.

Би можело да ве интересира

Акцијата „Моби Дик“ една од најголемите во ЕУ – даночно затајување од 520 милиони евра

А1он

Глобална трговска војна, Британија избира помеѓу САД или ЕУ

Косачов: Европската Унија нема да опстане без Русија и БРИКС

Блумберг: Лидерите на ЕУ го повикаа Бајден да ја зголеми помошта за Украина пред доаѓањето на Трамп

Вучиќ: ЕУ треба да ја промени стратегијата кон Западен Балкан, но и кон Србија

Рама: Извештајот за напредокот на Албанија за 2024 година најпозитивен до сега

А1он